Студентска манифестација 2018

Европското движење во Република Македонија по повод одбележувањето на 9 Мај, Денот на Европа, на 9 мај (среда) организираше студентска манифестација на која учествуваа студенти од поголемите универзитети во нашата држава. Студентскиот собир се реализираше во соработка со Делегацијата на ЕУ во РМ и Фондацијата Конрад Аденауер. Имено, овој настан се организира повеќе од десет години, а досега домаќини беа речиси сите универзитети. Оваа година домаќин беше Универзитет Американ Колеџ – Скопје.

На почетокот на собирот свои излагања имаа: проф. проф. д-р Марјан Бојаџиев, ректор на Универзитетот Американ Колеџ – Скопје, Елиска Гертнерова – претставник на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, Давор Пашоски – претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“ и претседателката на Европското движење во РМ, проф. д-р Милева Ѓуровска.

Во рамките на овој собир се реализираше студентска дебата на тема „Пораката на студентите до Европа“. Модератори на оваа дебата беа: д-р Марија Вељовска Кондовска и доц. д-р Ивана Трајановска. Студентите зборуваа за проблемите со кои се соочуваат, меѓународните искуства и предизвиците кои ги очекуваат. Ваквиот тип дебати, беше посочено на собирот, се општествено неопходни во академската средина. Студентите ја посакуваат Европската Унија како нивна иднина, но за да се чувствуваат како европски граѓани, потребна им е поголема социјална инклузија, учество во креирањето на политиките кои ги засегаат младите луѓе, како и поддршка при трансферот од образование кон работен однос, се заклучоците од студентскиот собир на студенти од најголемите универзитети во Република Македонија.

Овој собир го заокружи натпревар во ораторство на тема: „Пораката на студентите до Европа“. Комисијата во состав на претставници на Делегацијата на Европската унија и Европското движење во РМ имаше навистина тешка задача при изборот на победници: прво место – Елена Орцева, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип;  второ место – Снежана Секуловска, Универзитет „Св. Климент Охридски“ Битола; трето место – Ирена Димовска-Митревска, Универзитет „Св. Климент Охридски“ Битола. На првите три места им беа доделени соодветни награди. Сите говори изобилуваа со ораторска извонредност, содржинска посветеност и оригиналност, а целиот настан претставуваше вистинска платформа каде што студентите се запознаа, се дружеа и разменија ставови поврзани со европските вредности и интеграцијата на Република Македонија во Европската унија.