Трета сесија на работна група 1 – Земјоделство и рурален развој „Земјоделски задруги – Можности и предизвици“

Треба да им се даде можност на земјоделците да ја сфатат улогата на задругите!

„Очекувам оваа дебата за земјоделските задруги што ја организира Европското движење во рамки на Националната конвенција и вклучува бројни експерти од нашата држава и од регионот, да даде плодни резултати, но пред сé да помогне во кревање на јавната свест на земјоделците за придобивките од нивното здружување, односно за зацврстување на постојните задруги и за формирање нови“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, Љупчо Николовски, на денешната Трета сесија на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11) од Националната конвенција за Европската Унија во Република Македонија (НКЕУ-МК), која се одржа во Клубот на пратениците.


Министерството, како што рече Николовски, прави напори за консолидирање и окрупнување на земјоделските задруги, нешто што било запоставено со децении наназад. Во таа насока се работи и преку проектот за поддршка и развој на земјоделските задруги, кој ќе трае до февруари 2021 година. Од минатата година до сега се поднесени 20 апликации од земјоделските задруги, а 32 покажале интерес за формирање нови задруги. Министерот посочи дека дебатата е добра прилика за земјоделците и фармерите да се вклучат со свои предлози, идеи, сугестии и критики за да се дојде до што подобри решенија, исто како што и претходните две сесии на експертите, кои се однесуваа на ИПАРД програмата и на кредитирањето, дадоа значаен придонес кон зголемување на интересот.


Што се однесува до законската регулатива, како што рече професорот од Факултетот за земјоделство и храна при УКИМ, Јован Аждерски, таа постои, но потребно е да се утврдат задружни принципи, како што се демократската контрола, економската партиципација, автономност, обука и едукација на помладиот кадар и слично. „Треба да им се даде можност на земјоделците да ја сфатат улогата на задругите“, изјави професорот Аждерски, осврнувајќи се на историските аспекти на задругите во Република Македонија, кои за време на нејзиното осамостојување биле околу 1.000 на број но без вистинска функционалност.


На дебата учествуваше и директорот на Хрватскиот центар за задружно претприемништво, Томислав Клариќ, кој рече дека „Задругите се бизнис, демографија и иднина“. И тој потврди дека имавме негативни искуства на задругите во регионот во времето на комунизмот, но дека сега треба да се постават здрави темели на задругарството, како телел на иднината и просперитетот на економијата. Како потврда за тоа го посочи податокот дека во светот се вклучени милијарда членови во задругите, односно дека секој седми жител на планетава е член на задруга, а само во ЕУ секој петти жител е член на задруга.

Public Public Public Public