Втора Сесија од Работна Група 4 – Правда, Слобода и Безбедност „Азил – меѓународна и привремена заштита“, 21.06.2018

Национална Конвенција за Европска Унија во Република Македонија 

Втора Сесија од Работна Група 4

Азил – меѓународна и привремена заштита

 

„Азил – меѓународна и привремена заштита“, беше тема на денешната втора сесија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) што ја организираше Националната конвенција за Европска Унија во Република Македонија (НКЕУ-МК).

Токму оваа тема беше одбрана за денешната дебата, бидејќи во моментов азилот е повторно во фокусот на европските земји, кои се очекува солидарно да распределат огромен број мигранти што се непропорционално распоредени во земјите на ЕУ. Проблемот со мигрантите ја мачи европската јавност и поради најавите дека мигрантскиот бран во секој момент може повторно да надојде, пред сè од африканските земји кон Европа.

Стравувањата дека дел од нив може да се прелеат во Македонија и тука ќе треба да се изградат бегалски кампови, на некој начин ги демантираше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој ја отвори сесијата и посочи дека Македонија е само транзитна зона за бегалците.

„Република Македонија има можност само за краткотрајно привремено згрижување на бегалците“, изјави министерот Спасовски, додавајќи дека пред два месеци во Македонија стапи на сила новиот Закон за меѓународна и привремена заштита како надградба на постојниот Закон за азил, со кои се дефинираат статусот, процедурите и постапките во процесот на заштита на лицата бегалци.

На дебатата се вклучи дел од стручната јавност, анализирајќи ги недостатоците и придобивките од новиот Закон за меѓународна и привремена заштита. Притоа, беше констатирано дека станува збор за квалитетна правна рамка што ја регулира оваа проблематика, која почна да се гради уште со првиот Закон за азил во 2003 година, почитувајќи ја пред сè постојната домашна регулатива, но и внимавајќи и на обврските што произлегуваат од заложбата за наше целосно интегрирање во ЕУ.

Оттаму, како што беше речено, правната рамка треба да се надгради со донесување низа подзаконски и други акти што би обезбедиле институционална оперативност и функционалност на законот, негово системско имплементирање, повеќеинституционално дејствување, како и зголемување на степенот на регионална и меѓународна соработка, особено во делот на евиденцијата, размената на податоци и информации и слично. Со други зборови, потребно е македонската законска регулатива да се усогласи со европската политика за азил што нема да биде лесна задача, дотолку повеќе што Европа сè уште нема решение за азилантите.

На крајот на дебатата, на која свои излагања имаа и Блерим Река од Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово и професорот од Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Скопје, Трпе Стојановски, беа донесени и препораки, кои се очекува да бидат земени предвид при понатамошното хармонизирање на легислативата.

Public Public Public Public