Потребно е зголемување на оперативната и стратешката размена на податоци и координирање на заеднички акции со меѓународните организации и локалните тела на полето на меѓуинституционална и меѓународна соработка за борба против финансискиот криминал. Развивање на intelligence-led policing (ILP) во агенциите за подобро стратегиско раководење со случаите, како и зголемување на капацитетите преку дообучување на персоналот, воведување на специјализирани тимови и технолошко зајакнување на информациските системи, но и имплементација на напредни дигитални системи за подобра размена на податоци помеѓу институциите.
Ова се дел од предлог-препораките од денешната 15та сесија на Работна група 4 – Правда, Слобода и Безбедност (Поглавје 24) на тема: „Предизвиците во борбата со финансискиот криминал во Република Северна Македонија: Важноста на ефикасните финансиски истраги“.
На сесијата се препорача и продолжување на соработката со ЕУ агенциите и усвојување на EMPACT платформата за подобро справување со финансискиот криминал, како и воспоставување на систем на приоритети и задолжителни истраги за случаите со висок ризик, потоа подготовка на долгорочна стратегија за периодот 2024-2026 година и годишен акциски план за континуирано спроведување на активностите и обука и дополнителни ресурси на институциите за органите на редот за успешно справување со финансиските истраги и зајакнување на инфраструктурата и ресурсите.
Милева ЃУРОВСКА, претседателка на Европско движење во Република Северна Македонија и национален координатор на НКЕУ-МК во воведното обраќање нагласи дека Поглавјето 24 е од витално значење бидејќи поставува основа за функционални институции кои ги штитат јавните интереси и темелите на државниот суверенитет.
„Секој напредок во оваа област води до подобрување на личната и колективната безбедност и до создавање здрави општествени релации кои влијаат на благосостојбата. Дополнително, го зајакнува угледот на нашата држава пред европската и меѓународната заедница. Извештаите на Европската комисија и други меѓународни организации нè предупредуваат за високото ниво на корупција, која троши околу една третина од јавните ресурси и ја поткопува довербата во институциите. Посочена е потребата за побрзи судски и истражни постапки, особено во делот на финансиските измами. Со дигиталните технологии и отворените финансиски пазари, можностите за финансиски манипулации значително растат, поради што институциите мора да изградат посилни капацитети – со подобра опрема, обучени кадри и ажурирани регулативи за спречување перење пари и даночни измами. Неопходен е координиран систем меѓу сите надлежни институции, како и засилена соработка со меѓународни партнери и агенции за справување со финансискиот криминал, кој често е транснационален“, нагласи Ѓуровска во нејзиното обраќање.
Сашо ПЕТРУШЕВСКИ, државен секретар во Министерството за внатрешни работи истакна дека oвој форум служи како платформа за отворен и транспарентен дијалог за сите клучни прашања кои се поврзани со нашите пристапни преговори кон ЕУ, а тоа овозможува граѓаните и експертите во сите области да дадат свое мислење и да влијаат врз реформските процеси.
„Заедно можеме да учествуваме во реформите и да ги направиме реформите не само реални за меѓународната заедница и меѓународните фактори, туку може да создадеме демократско општество за сите граѓани на Република Северна Македонија. Следејќи ги насоките на Европската комисија за јакнење на капацитетите против организираниот криминал и корупцијата неопходно е да имаме проактивен и ефикасен континуиран пристап од страна на сите државни органи вклучени во процесот. Не само борбата со организираниот криминал и корупцијата, туку и борбата со криминалните приноси од криминалните и криминогените структури во Република Северна Македонија и пошироко зошто со одземање на нивниот имот и водење финансиски истраги со заплена на имотот ќе им дадеме до знаење дека и ќе им оневозможиме појако ширење на криминалните структури“, нагласи Петрушевски во своето излагање. Петрушевски потенцираше дека во владина процедура е нова Национална стратегија за финансиски истраги и заплена на имот 2024-2028 година, која се базира на усогласување на подзаконските и законските процедури во Република Северна Македонија заедно со европското закондавство.
Александар ЈАНЕВ, Јанев, директор на Бирото за јавна безбедност во своето обраќање се осврна на меѓуинституциналната соработка која рече дека е неопходна и ги презентираше алатките за дигитализација кои ги применуваат.
„Една од алакттие со која се справуваме е воведување на дигитализацијата. Имаме два сегменти-го воведуваме document management system и case management system. Заедно со финансиската полиција сме на сита платформа, а интенцијата е и Царината да се врзе на иста платформа, создадени се претпоставки и Обвинителтвото да ја користи оваа алатка во иднина, како и судството“, нагласи Јанев, додавајќи дека е убеден дека со тоа ќе нема веќе случаи во фиока.
Мартин СИРОВАТКА од Националната агенција за организиран криминал при Министерството за внатрешни работи на Чешката република рече дека според проценките на Европол барем 140 милијарди евра се создаваат преку организиран криминал годишно.
Појаснувајќи го чешкиот пример, Сироватка потенцираше дека како орган можат да истражуваат криминал 15 години наназад дури и кај трети лица. Финансиските истраги во Чешка, како што спомена, се спроведуваат во три фази: детектирање, следење на криминално стекнатиот имот и запленување на имотот.
Според Сироватка, во Чешката република полициските службеници може да издадат наредба за заплена на криминално стекнат имот доколку се работи за случај на итност. Тој ја оцени меѓународната соработка како клучна во случаите со организиран криминал и корупција. Како што нагласи Сироватка, од 2007 година била воспоставена Канцеларијата за поврат на имот, додека во 2018 година за прв пат почнале со користење на Регистарот на Централната банка, а до крајот на ноември 2024 година тој најави дека ќе ја вклучат Директивата на ЕУ за поврат и заплена на имот во нивното законодаство, која што дава огромни овластувања на Агенцијата за поврат на имот.
Слободан ИВАНОВСКИ, директор на Управата за финансиска полиција изјави:
„Со оглед на важноста на Поглавјето 24 на патот на евроинтеграциите на нашата земја за полноправно членство во еу од ислучителна важност е да ги унапредуваме нашите капацитети во насока на подобрување на финансиските истраги. Неопходна е тимска работа, континуирана соработка и јасна визија.
Финансиското истражување треба да се спроведува паралелно со криминалистичкото истражување. Во таа насока во периодот што следи ќе се насочиме кон ефикасно спроведување на Стратегијата за финансиски истраги и конфискација на имот“.
Трпе Стојановски, НКЕУ-МК експерт и професор на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола оцени дека има прогрес во делот на јакнење на институциите кои имаат надлежност во борбата против финансискиот криминал, но дека постојат и сиви зони.
„Продолжува као сриозен проблем да биде мегуинституционаланат соработка во земјата и соработка со земите во регионот и Европа. Проблемот со финансискиот криминал е во тоа што тој е притаен. Се прави на начин каде се извлекуваат средства, но нема јавна препознатливост и кога се извршува кривичното дело не се слушаат одеците како кај другите облици на криминал“, рече Стојановски.
Емилија Мизо-Димков, обвинителка од Основното Јавно Обвинителство во Скопје смета дека треба да се прави јасна разлика меѓу криминалистичка истрага за кривични дела од областа на финансискиот криминал и финансиските истраги кои не треба да се врзуваат со видот на кривични дела.
„Целта на криминалистичките истраги за кривични дела од областа на финансиски криминал е гонење на сторителите, но целта на финансиските истраги е повратот на имотот што се подразбира преземање мерки и активности, замрзнување на имотот без оглед на видот на кривичното дело со крајна цел трајно одземање“, рече Мизо-Димков, која додаде дека треба да се работи на зајакнување на капацитетите.
Едвард Андерсон, шеф за јавна безбедност и контакт со заедницата во ОБСЕ потенцираше дека мисијата на ОБСЕ е да помага преку поврзување на институциите со експерти, како и можноста да се употреби експертизата.
„Мисијата на ОБСЕ ќе биде насочена кон потребите на граѓаните во државава“, порача Андерсон на сесијата.
Говорниците на денешната сесија заеднички констатираа дека е потребно зајакнување на капацитетите на институциите и меѓуинституционалната соработка преку што ќе се зголеми ефикасноста во финансиските истраги и борбата против организираниот криминал и корупцијата.