Седум децении подоцна: лидери, дипломати и млади дебатираа за иднината на ЕУ: Европа е нашата најдобра алтернатива

На 20 мај 2026 година, во Скопје се одржа конференцијата „Седум децении подоцна: Од визијата на Шуман до новите геополитички предизвици на Европа“, организирана од Европското движење во Република Северна Македонија, Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) и Вилфрид Мартенс Центарот за Европски Студии (ВМЦЕС). Настанот беше организиран во рамки на одбележувањето на Денот на Европа – 9 Мај и претставуваше платформа за дискусија за актуелните европски предизвици, процесот на проширување на Европската Унија и улогата на младите во иднината на Европа.

Конференцијата собра претставници од државните институции, дипломатскиот кор, академската заедница, граѓанските организации, политичките партии, студентите и средношколците. Во фокусот на дискусиите беа европските вредности, геополитичките предизвици со кои се соочува Европската Унија, перспективите за проширување кон Западен Балкан, како и потребата од поголемо вклучување на младите во креирањето на европските политики.

Во воведното обраќање, претседателката на Европското движење во Република Северна Македонија, Милева Ѓуровска, истакна дека Денот на Европа претставува симбол на мирот, солидарноста и обединувањето на европските народи. Таа посочи дека денешниот европски контекст е обележан со сериозни геополитички и безбедносни предизвици, кои бараат нова политичка енергија и зајакната европска соработка. Во своето излагање нагласи дека политиката на проширување повторно добива стратешко значење за Европската Унија и дека земјите од Западен Балкан треба активно да го искористат актуелниот момент за забрзување на реформите и напредокот кон членство.

Претставникот на Фондацијата Конрад Аденауер, Даниел Браун, се осврна на важноста на партнерството помеѓу Северна Македонија и Европската Унија, при што нагласи дека современите предизвици, како безбедноста, миграциите, економската стабилност и дигиталната трансформација, бараат координиран и заеднички европски пристап. Тој потенцираше дека демократските вредности и владеењето на правото остануваат основа за стабилност и напредок на европскиот континент.

Со особено внимание беше проследено и обраќањето на Петер Хефеле, директор за политики при Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс”, кој предупреди дека таканаречениот „моментум” за проширување нема да трае долго и дека политичките прилики во Европа може брзо да се променат. Според него, прозорецот на можности е отворен, но не и неограничен и земјите-аспиранти мора да ги искористат „поволните“ услови додека истите траат.

Последен свое обраќање пред почетокот на панелот имаше и Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, кој во своето обраќање истакна дека европската интеграција останува стратешка определба на државата и единствена долгорочна перспектива за политички, економски и институционален развој. Тој нагласи дека процесот на пристапување кон Европската Унија не треба да се гледа само како административен или технички процес, туку како суштинска трансформација на општеството преку почитување на европските вредности, институционална одговорност, демократска култура и владеење на правото.

Централниот дел од настанот беше панел-дискусијата на тема „Од визија до геополитички одговор: Проширувањето на ЕУ во новата геополитичка реалност“. Панелистите дискутираа за променетите геополитички околности во Европа, влијанието на глобалните безбедносни кризи врз политиката на проширување и потребата Европската Унија да демонстрира поголема политичка одлучност кон земјите кандидати.

Прва збор зема Германската амбасадорка во Република Северна Македонија, Петра Дрекслер, истакна дека интеграцијата на Западен Балкан претставува стратешки интерес за Европската Унија и важен фактор за регионалната стабилност и безбедност. Таа посочи дека Европската Унија треба да остане кредибилен партнер за земјите кандидати, но и дека реформските процеси и исполнувањето на европските стандарди се неопходен предуслов за напредок.

На тоа се надоврза и Стефен Худолин од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија нагласи дека актуелниот момент отвора нови можности за проширување, но дека успехот на процесот зависи од конкретни резултати во областа на владеењето на правото, реформата на јавната администрација, борбата против корупцијата и зајакнувањето на институциите.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, се осврна на различните ставови и пристапи кон проширувањето во рамки на Европската Унија, потенцирајќи дека земјите кандидати имаат потреба од појасна и попредвидлива европска перспектива. Тој истакна дека кредибилноста на процесот на пристапување е важна и за самата Европска Унија и за довербата на граѓаните во европските интеграции.

Од друга страна пак, Претседателот на Националниот совет за европски интеграции, Венко Филипче, нагласи дека Северна Македонија мора да остане доследна на европскиот пат и да продолжи со реформските процеси без оглед на политичките и регионалните предизвици. Во своето излагање тој потенцираше дека проширувањето денес претставува и геостратешка потреба на Европската Унија, особено во услови на засилени глобални политички и безбедносни тензии.

Во рамки на настанот беше доделено признанието „Европска личност на годината за 2025 година“ на Сашко Кедев – интервентен кардиолог, универзитетски професор и алпинист. Признанието му беше доделено за неговиот исклучителен придонес во медицината, образованието и меѓународната афирмација на државата преку професионални и спортски достигнувања. Организаторите истакнаа дека неговата професионалност, посветеност и меѓународен углед претставуваат пример за европски вредности и личен интегритет.

Посебно внимание во рамки на конференцијата беше посветено на младите и нивната улога во европската иднина на државата. Беше организирана младинска дебата на тема „Младите и дигитална Европа: Од следбеници кон лидери“, на која учествуваа претставници од институциите, академската заедница и организации што работат во областа на младинските политики и образованието. На младинската дебата се обратија Драгана Бојковска, пратеник и координатор на Парламентарниот клуб за младински прашања и политики, Моника Зајкова, пратеник и претседател на Либерално-демократска партија (ЛДП), Ана Михајлов, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и Константин Миноски, професор на Филозофскиот факултет, Институт за социологија, Универзитет Св. Кирил и Методиј – Скопје.  Тие ги презентираа моменталните состојби поврзани со брзиот развој на вештачката интелигенција во светот, но и продискутираа со младите за можностите и предизвиците со кои ние ќе се соочуваме во следниот период. Во дебатата се разговараше за влијанието на дигитализацијата, вештачката интелигенција, новите технологии и потребата од развој на критичко размислување, медиумска писменост и дигитални вештини кај младите.

Во рамки на програмата беше организиран и ораторски натпревар за студенти на тема „Зошто си заминуваме?“, посветен на младинската миграција, предизвиците со кои се соочуваат младите во државата и потребата од создавање подобри можности за образование, професионален развој и активно учество во општеството.

На натпреварот, прво место освои Иван Петрески од Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола, второ место освои Искра Постолова од Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, а третото место го поделија Ениса Синани од Универзитет „Американ Колеџ“ – Скопје и Марија Стојановска од Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Дополнително, беше реализиран и квиз на знаење за Европската Унија за средношколци, со цел поттикнување на интересот за европските институции, историјата на европската интеграција и европските вредности, на кој учествуваа преку 25 средношколци од Скопје, каде победник беше Давид Мишовски, второ место освои минатогодишниот победник Алексеј Стојановиќ, а трет беше Димитар Чулев, сите тројца од СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“.

Конференцијата заврши со доделување на наградите на младите и заклучок дека европската перспектива на Северна Македонија останува клучен стратешки приоритет, а реформите, демократските вредности, регионалната соработка и активното учество на младите се суштински фактори за успешна интеграција во Европската Унија.

Корисни линкови