Четврта регионална пленарна конференција: Владеењето на правото останува основен двигател на европските интеграции на регионот

Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија денеска беше домаќин на состанокот на експертските тимови на националните конвенции на Македонија, Србија и Албанија, на кој под мотото „Нека правдата владее во регионот“ се дискутираше за реформските процеси, европските интеграции и важноста од зајакнат регионален дијалог.

Настанот го отвори претседателот на Европското движење од Италија, Пјер Вирџилио Дастоли, кој потенцираше дека насловот на настанот „Нека правдата владее со регионот!“ е многу точен и треба да се прошири на европско ниво.

Според него, од исклучителна важност е земјите-кандидатки да го почитуваат владеењето на правото, но истото важи и за земјите-членки. Тој се осврна и на дискусијата за продлабочување или проширување на Унијата што би донело до подобрување на процесот на проширување во следните 10 години, а на што во моментов чекаат 9 држави и го пренесе ставот на Европското движење на Италија дека е потребна промена на правилата за проширување.

„Секоја земја-кандидатка треба да биде вклучена во поглавјата што се затворени во текот на преговорите. Тоа би овозможило постепено приклучување на земјите кандидатки, согласно со нивниот испорачан резултат“, истакна Дастоли.

Државната советничка во македонското Министерство за европски прашања, Христина Конеска-Беровска, нагласи дека „Од последното големо проширување немало ваков моментум околу интегрирањето на регионот во ЕУ, бидејќи се зборува со конкретни датуми. Црна Гора и Албанија се лидери во процесот, од каде може да се види дека новата методологија го забрзува процесот. Иако ние сме се уште пред Албанија во многу сегменти, тоа нема да остане така уште долго“. Таа заклучи дека процесот се движи напред – Црна Гора има големи шанси да го заврши процесот на преговори до крајот на 2027, а со слична динамика се движи и Албанија. Единствената шанса да се приклучиме и ние на оваа група е ако започнеме со реформите што побрзо.

Претставниците на академскиот сектор, институциите и граѓанските организации, исто така, разговараа за регионалните предизвици во владеењето на правото и потребата од конзистентни реформи.

Бојана Селаковиќ, националната координаторка на НКЕУ-Србија, ги потенцираше промените во регионот, но и во ЕУ од почетокот на овој проект, што дополнително зборува за новата динамика што постои на оваа тема.

Осврнувајќи се на внатрешната ситуација во Србија, таа рече дека „Од лидери во регионот во однос на евроинтеграциите, стигнавме во ситуација другите држави да се исмеваат со Србија како подружница на Русија“.

Според Александар Кржаловски, директорот на МЦМС, од моментната ситуација може јасно да се види дека политичкиот мотив е клучен за овој зголемен фокус на проширувањето. Споделувајќи оптимистичко сценарио изјави дека „Следното проширување на Унијата кон Западен Балкан, па и дел од источното партнерство, треба да биде политички процес. Ако Европската Унија сака да остане лидер во регионот, треба да го направи тоа до 2030 година во пакет!“. За него не е реално држави да преговараат по 10 години и да немаат резултати, додека Албанија за 1,5 година да има толкав прогрес, доколку е само мерит-системот во прашање.

Од албанска перспектива, Ермелинда Мучај истакна дека регионалната соработка е клучна.

„Во време кога процесот на проширување е повторно високо на европската агенда, Западен Балкан треба да покаже дека знае да работи заедно, особено во владеењето на правото. Од друга страна тоа треба да биде подржано и од Европската Унија, која би го уважила мерит-системот“.

Во тој контекст независната експертка, Клеа Џафери, се осврна на предизвиците и последиците од реформите во правосудството во Албанија, кои доведоа до разумни рокови за завршување на судските кривични и граѓански постапки: „Процесот на ветинг во Албанија го поминаа околу 60 проценти од судиите, но тоа доведе до драстично намалување на бројот на судии што предизвика голем број судови да останат без судии и голем број предмети нерешени. Затоа Судскиот совет мораше да одреди список на предмети што треба да се завршат во забрзана постапка“.

Универзитетската професорка од Црна Гора, Сајма Адемовиќ, говореше за забрзаните реформски процеси на Црна Гора во евроинтеграцискиот процес. Таа посочи дека е особено интересно што според извештаите добиени од 2020 до 2024 година има многу постепено напредување, додека во 2025 е направен огромен скок во 18 поглавја. Таа презентираше компаративна анализа во однос на поддршката што земјите од регионот ја имаат низ годините за пристапување кон ЕУ, во која Македонија и покрај сите препреки, се уште има над 50 проценти поддршка за ЕУ, исто како и Црна Гора.

Што се однесува до фундаменталните вредности во процесот на ЕУ-интеграциата панелистите се согласија дека независноста на судството и обезбедувањето транспарентност во институциите играат клучна улога.

Стефан Голковиќ, претседател на Асоцијацијата на судски помошници на Србија, порача дека владеењето на правото не почнува во парламентите, туку во судниците и затоа мора да се обезбедат стабилни, независни и професионални судски системи во целиот регион.

Правната експертка Ивана Петровска додаде дека приоритетите во реформите не треба да ги диктираат политичките циклуси, туку потребите на граѓаните, ако сакаме да добиеме одржливи интеграции.

Професорката од правниот факултет „Јустинијан Први“, Александра Деаноска-Трендафилова, рече дека е многу моќна пораката за поттикнување реформи преку дискусии за важни прашања во правосудството, но проблем е што сите фази од процесот не се видливи. „Голем број закони се изработени и ако има политичка волја може да се добијат уште дваесетина нови закони што ја допираат тема на правосудството и на тој начин да се забрза процесот на усогласување со законодавството на ЕУ“, рече таа и го посочи новиот кривичен закон како пример за предолго траење на неговите измени, апелирајќи да се донесат негови кратки измени, а не целосно носење на нов закон што многу би го забавило процесот и не би го решило проблемот.

Клучните пораки што ги упатија учесниците на интерактивната сесија се дека владеењето на правото останува основен двигател на европските интеграции, дека за успешни реформи е неопходна регионална соработка, дека граѓанскиот сектор има суштинска улога во мониторингот на спроведувањето на политиките, како и тоа дека е потребно јакнење на независноста на судството и институционалната транспарентност.

Корисни линкови