Деветта сесија на РГ2 – Социјална политика и вработување (Поглавје 19) – „Младите и вработувањето: Што стои на патот да се добие достоинствена работа?”

На сесијата на Работна група 2 – Социјална политика и вработување која се одржа на 15 јуни 2021 година онлајн преку Zoom webinar од  09:30 до 13:20 часот) присуствуваа 50 учесници – претставници  од: Министерството за труд и социјална политика (МТСП),  Агенцијата за вработување, граѓански здруженија, млади, експерти од областа, синдикални организации, организации на работодавачи, академската заедница и други заинтересирани страни. Ко-претседавачи на сесијата беа Габриела Маџовска, од Секторот за еднакви можности во Министерството за труд и социјална политика и Марија Ристеска, директорка на здружението „Центар за истражување и креирање на политики“ од Скопје.

Кога станува збор за работнички права, младите луѓе се меѓу најранливите категории на лица. Стапката на невработеност на млади во Северна Македонија е една од највисоките во Европа. Пазарот на труд денес налага повисоки вештини и приспособливост на новите достигнувања, креативност, способност за иновативно размислување, и во таа насока треба да се развива формалното и неформалното образование. Дискриминацијата во однос на род, политичка припадност, физичка и интелектуална попреченост, при вработувањето на младите луѓе треба да се искорени. Потребно е и креирање политики со активно учество на младите луѓе, како и промени во Законот за работни односи при вработувањето на млади лица, од определено, на неопределено време.

Милева ЃУРОВСКА, претседателка на Европското движење во Република Македонија се обрати прва во својство на менаџер на НКЕУ-МК истакнувајќи дека тековната сесија е осма по ред реализирана од РГ 2 која дејствува во доменот на Поглавјето 19, Социјална политика и вработување. Таа ги поздрави учесниците и изрази благодарност до членовите на Работната група, експертите и претставниците на младинските организации кои го прифатија предизвикот да учествуваат на сесијата. Исто така, ја потенцираше исклучителната соработка со тимот на партнерската Словачка асоцијација за надворешна политика, но и благодарност за целосната поддршка на тимот на УСАИД во подготовките на новата фаза од реализација на НКЕУ-МК. Таа го нагласи значењето на темата на оваа сесија посветена на младите и нивните проблеми при вработувањето истакнувајќи дека  е својствено на НКЕУ-МК да најде најсоодветна форма на дијалог, а во случајот ја применува формата на меѓу-генерациски дијалог што обезбедува да се слушнат директно ставовите и предлозите на младите и анализите на искусните експерти. „Меѓугенерацискиот дијалог го сфаќаме како начин на јакнење на колективната интелигенција кој обезбедува континуитет, но истовремено и развој на заедниците. Генерациски консензус е неопходен кога станува збор за планирање на иднината каде гласот на младите треба да биде препознаен во одлуките кои ги носат авторитетите, а гласот на возрасните се препознава во валидноста на на вредносниот систем“.

Генерацијата на млади денес т.н генерација У го носат епитетот „дигитални номади“. Во светски рамки младите се видени како значително љубопитни, трагачи по факти, имаат самодоверба, толерантни, но и со многу високи очекувања. Исто така, имаат исклучителна желба за напредување, жед за професионализација, претприемнички дух и посакуваат висок животен стандард. Податоците од онлајн анкетата која ја реализираше НКЕУ-МК за целите на оваа сесија, укажува дека младите во нашата земја се блиску до овој општ карактер на млади во светот. Но што се случува кога: младите не се препознаваат во јавните политики и во одлуките на авторитетите; кога нивните очекувања не се остварливи; кога комуникацијата е еднонасочна и доаѓа само во облик на информација од центрите на моќ; кога платата е многу мала; кога вредностите на повозрасните немаат сила да интегрираат, туку да ги делат луѓето; кога прашањата за дискриминацијата се разрешуваат преку моќта на партиските елити – тогаш заминуваат во потрага по услови за остварување на својот нов „животен софтвер“. Според податоците на Светска банка државата во изминатите 30 години ја напуштиле 500.000 луѓе, претежно млади со високи работни перформанси. Од теоријата на миграциите познато е дека напуштањето на сопствената држава е последната алтернатива на луѓето. Луѓето се иселуваат кога нема надеж дека нешто ќе биде сменето дома, истакна Ѓуровска.

Томаш СТРАЖАЈ, директор – Словачка асоцијација за надворешна политика од Братислава се осврна на искуствата од реализацијата на НКЕУ-МК каде главен партнер е Европското движење, што претставува голем успех за него, а Словачката асоцијација е помал партнер и олеснувач.

Во обраќањето пред почетокот на сесијата, директорот на Словачката асоцијација за надворешна политика (СФПА) – Братислава, Томаш Стражај, рече дека и Северна Македонија и Словачка делат сличности во оваа проблематика, особено во однос на вработувањето на младите.

– Во Словачка исто така се соочуваме со одлив на мозоци и тоа е навистина голема бројка на млади кои се отселуваат во други земји на Европската Унија, заради студии и поголемиот дел од нив остануваат да живеат во тие земји. Во исто време, бројката на мигранти од трети земји се зголемува, но тие бројки се уште не се доволни за да се компензира одливот на мозоци, истакна Стражај.

Според него, Македонија има силна поддршка од Словачка за нејзиното интегрирање во ЕУ, заради што се потребни реформи, а една од поважните е реформата на пазарот на труд да го направат инклузивен, особено за ранливите групи. Заради сличностите е корисно разменувањето на искуство помеѓу двете земји.

Милева Ѓуровска се надоврза на оваа дискусија за да нагласи дека НКЕУ-МК во изминатите 4 години соработуваше со повеќе од 40 словачки експерти и постигна задоволувачки начин на соработка и размена на искуства врз основа на методологијата на Конвенцијата која има повеќе од 1.000 активни членови.

Марија РИСТЕСКА, директорка на Центарот за развој и креирање на политики во улога на Копретседавач на Работната група – 2, направи воведување во темата и ја нагласи ниската искористеност на креативноста на младите, отсуство на студентска иницијатива, неактивност на младите. Таа истакна дека во С Македонија општествените трендови не одат во прилог на младите, а истражувањата покажуваат слабо учество на младите во сите општествени текови, а тоа се изразува во ниското ниво на искористеност на младешката креативност, мал интерес на младите за вонучилишните активности, отсуство на студентски иницијативи.

-Не е несоодветно да се каже дека младите се невидливи во македонското општество. Последните три години во земјава посебно се артикулира потребата за вклучување на младите во општеството и постојат податоци кои ги идентификуваат индикаторите за ваквата состојба. Аналогно на тоа, се креираат политики за подобрување на целокупниот општествен амбиент на младите. Меѓу факторите кои негативно влијаат за перспективите на младите се високата стапка на невработеност, која изнесува дури 45 отсто, рече Ристеска.

Таа го посочи и проблемот за дискриминација на младите при вработувањето, а тука е главно родовата дискриминација.

-Од вкупното население во земјава дури 62,3 отсто од работно неактивното население се жени, а младите на возраст од 25 до 29 години имаат стапка на неактивност кај жените – 76,5 отсто. Натаму, политичка дискриминација е еден од најчестите облици во услови кога државата е се уште најголем работодавец. Младите се соочуваат со политичка дискриминација, особено ако се симпатизери на одредена политичка партија, имаат проблем да најдат вработување или да го задржат вработувањето. За ваквиот облик се потребни нови механизми за заштита од дискриминација, рече Ристеска.

Таа ја посочи и дискриминацијата со оглед на физичка или интелектуална попреченост, истакнувајќи дека младите лица со ваква попреченост се особено стигматизирани во областа на вработувањето и потребно е да се разговара за позитивните мерки што постојат, со цел да се справиме со ваквата стигматизација.

-Наградувањето, особено во почетната плата е една од причините за иселување на младите што на подолг рок не е одржливо. Други мерки кои се потребни се мерки кои ќе го динамизираат пазарот на труд на начин на којшто ќе обезбедат флексибилност на работните ангажмани. Во моментов тоа се одвива бавно со овој Закон за работни односи, којшто не може да даде соодветен резултат потребен да одговори на динамиката што ја бараат младите на пазарот на труд, рече таа.

Како проблем ја посочи и неформалната работа, што подеднакво ги зафаќа и младите и старите, а под неформално вработени млади лица имаме многу и тоа им оневозможува да и бидат корисници на права и бенефиции од работниот однос. Додека неформалната економија се смета за доста стимулативна во развиените земји, Ристеска вели дека во земји како С Македонија со ниски доходи, таа претставува ограничување на перспективата за развој на младите.

Габриела МАЏОСКА, Претставничка на Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Ко-претседавач на РГ -2, во својата елаборација истакна дека невработеноста на младите е глобален проблем и дека кај нас МТСП е насочено и кон младите за што креира политики во областа на работните односи, вработливост, унапредување на рамноправноста, заштита на децата, младински и родови политики.

Таа истакна дека иако С Македонија  не е членка на ЕУ, започна со имплементација на проектот „Гаранција за млади”, кој, како што рече, се воведе како пилот во три општини во 2018 година, а во 2019 се имплементира низ целата држава со посебен фокус на три региони – Полошкиот, Североисточниот и Југозападниот, каде е најголем бројот на млади кои не се вработени, не се вклучени во обуки или во образование.

– Оваа мерка им овозможува на младите до 29-годишна возраст да добијат соодветна понуда за работа, да го продолжат своето образование или да бидат вклучени во некоја мерка за вработување. Податоците покажуваат дека во 2019, околу 20.000 се опфатени со оваа мерка, од кои 52 отсто се жени а вработени се 6.004 лица. Во 2020 опфатот е околу 25.000, од кои вработени 7.424 лица. Министерството во континуитет презема мерки со цел да ја зголеми стапката на вработеност на младите и нивната вработливост. рече Маџоска.

Таа дополни и дека со цел да се олесни преминот на младите луѓе од образование до вработување, во 2019 донесен е Законот за практиканство, кој дава можност на младите невработени лица одреден временски период да реализираат практична работа и тоа да им биде платено.

Ивана УЛИЧНА, експертка од Словачката асоцијација за надворешна политика, презентираше податоци за вработувањето на младите и ги наведе проблемите што придонесуваат за висока невработеност на младите. Таа ги истакна: недостатокот на вештини, превисоко образование, долга транзиција од образовниот процес до работа, недостаток на средина и можност за развој на претприемништво, недостаток на водич за кариера како дел од образовниот процес.

Нагласи дека нивото на урбанизација игра важна улога при вработувањето на младите луѓе. Во овој дел таа посочува дека треба да се подобри пристапот на образование на маргинализираните групи, пристап до јавни услуги, развој на ИТ секторот, подобрување на инфраструктурата, бришење на родовите стереотипи (образование и вработување, главно во маргинализираните заедници).

Словачката експертка посочува дека пазарот на труд денес има потреба од работна сила со повисоки вештини. Од т.н. „тешки вештини” на пазарот на труд денес се потребни дигитални вештини, СТЕМ вештини, познавање странски јазици, финансиска писменост, менаџирање на проекти. Додека, посочува таа, од т.н. „меки вештини”, потребно е да се поседува креативност, приспособливост, комуникациски вештини, иновативно размислување, вештини за презентирање.

Во Словачка, наведува таа, постојат повеќе мерки за поттикнување на вработувањето на младите меѓу кои е се и субвенциите за вработување, што е особено атрактивно за приватните компании да вработат млади лица, при што им одреден период им се покриени речиси сите трошоци и по завршување на субвенционирањето. Исто така отворени се и т.н. „лаборатории на труд” за пронаоѓање соодветно квалификувана работна сила, особено ИТ вештини, за кои одредена компанија има потреба. Оценува дека влијанието на мерките за да се одговори на невработеноста на младите зависи во голем дел од состојбата на економијата, и особено од способноста на пазарот на трудот да креира работни места.

Но, предложи и мерки за подобрување: пристапно образование, квалитетни можности за работа, развој на ИТ сектор, инфраструктура, намалување на регионални разлики, бришење на родови стереотипи. А ја нагласи и потребата во иднина да се води сметка за еколошка енергија, да се развиваат дигитални вештини, да се подржува создавање на работна сила со повеќе вештини, способност за прилагодување, со способност за критичко размислување и самомотивирачки; и целоживотното учење, самовработување, а образованието да биде прилагодливо и да одговара на потребите на бизнисите.

Зоран ИЛИЕВСКИ од Младинска коалиција СЕГА ја назначи потребата од нови пристапи за подобрување на можностите на младите за подобар живот со примена на мултисекторски пристап, во смисла на нови политики и мерки кои обезбедуваат повеќе права кои ќе ја променат општествената положба на младите. Тој ја нагласи потребата од решавање на прашањата што се важни за квалитетот на животот на младите, а меѓу нив особено важно е прашањето за домување, уживањето на работните права и висината на платите. Според него, во сите фази од донесување на политики за млади (предлог, донесување, имплементација и мерење) неопходно е да бидат вклучени невладините организации. Исто така, недостигаат комуникациски канали кои ќе ги пренесуваат информациите за политиките и мерките за поголема економска активност на младите. Особено е значајно да се засили информативниот процес кој значително ќе ги мотивира младите за  вклучување во младинската гаранција. На тој начин ќе се зголеми и довербата на младите кон институциите која е сега на многу ниско ниво.  На крајот тој ја истакна потребата за креирање нови мерки чија цел ќе биде развој на дигиталните вештини.

Димитар Низамовски, директор на Младинскиот образовен форум вели дека МОФ работи на зголемување на капацитетите и вештините за вработливост на младите, нивното подобро позиционирање на пазарот на трудот, но и како може и самите да се оспособат да го најдат своето прво работно место, да го задржат и доколку е можно да го променат.

– За жал денес, младинската невработеност, во земјава, регионот, но и на европско ниво, е на критично ниво, сериозна беше ситуацијата дури и пред да се случи пандемијата, а тоа особено го видовме и минатата година кога МОФ и 12 организации, направивме анализа колку и како се има променето состојбата и точно младите како една категорија дефинитивно се повеќе погодени или оштетени во однос на просечните месечни нето примања при што кај нив се забележа пад од 2,6 проценти од просечните нето примања, при што младите беа први на удар, рече Низамовски.

Значителен дел од младите се вработени во неформалниот сектор особено во сектори кои беа силно погодени за време на кризата предизвикана од Корона пандемијата.  Младите немаат доверба во институциите најмногу заради постоење партиска дискриминација заради што е потребно граѓанско образование и преземање на конкретни мерки за  зајакнување на мерит системот при вработувањето и напредувањето. Како мерка за справување со партиската дискриминација предлага систем на обуки за да се зголеми свесноста за различните форми на дискриминација, унапредување на механизми за препознавање на формална и неформална дискриминација и поврзување на образованието со компаниите. Тој повикува и на вклучување на младите преку спремност на преквалификување и доквалификување за да ја подобрат својата вработливост.

Низамовски истакнува дека од една страна се бара млада работна сила, но од друга страна во самите огласи за работа се очекува да имаат значително работно искуство, кое не е соодветно во тој даден момент. Работодавците како да не се свесни во кој момент, што и како функционира и при тоа имаат нереални очекуавања во однос на нивното искуство и што од нив се бара.

Ѓорѓи Рафајловски, Оперативен директор на Технолошкиот Парк – SEEUTechPark при Универзитетот на Југоисточна Европа ги претстави целите и активностите на Паркот за развој на иновациите, технологијата и инвестициите, што постои од 2013 година, при креирање на нови и развој на постоечки мали и средни претпријатија. Ги објасни и начините со кои им се нуди помош на претприемачите. Соработуваат и со странски програми на ЕБРД; ДЕЛОИТТЕ; ГИЗ, и со домашни институции: ФИТР, Шпаркасе, 500 стартапи. Ги презентираше и резултатите од нивната работа во однос на самоодржливоста и на остварување на целите за поддршка на нови и развој на постоечки бизниси.

Нивна стратешка цел се иновациите и новите технололгии, а на стартапите, како што вели Рафајловски, им помагаат преку давање идеја-модел, деловни обуки, маркетинг и продажба, менторирање, капитал,  правни совети, канцеларии…

Иако малиот пазар не треба да биде хендикеп за новите компании, тој нагласи и покрај напредокот во Северна Македонија има помалку старт ап компании споредено со другите земји.

Славица Кузмановска, ЈУРИДИКА, Асоцијација за правно-економски истражувања и едукација ги презентираше резултатите од анкетата помеѓу младите (18-29 години) спроведена со НКЕУМ и ги нагласи карактеристични одговори и состојби на положбата на младите. Половина од анкетираните би се иселиле од земјата, а главна причина не е малата плата туку на младите им е важна можност за развој на кариера, обезбедување сигурност на работно место, дружење со колегите на работа. Нагласен е проблемот на доминација на политичките партии при вработување односно познато е дека е потребно членство во една од двете  големи партии за добивање пристојна работа. Младите се свесни за потребата од добро образование и се подготвени да го продолжат образованието, да прифатат преквалификација и да започнат свој бизнис, но не ги познаваат мерките на владата за помош при вработување и поддршка за отворање фирма. Според нив општините не се активни поддржувачи на вработувањето на младите, средното стручно образование не е омилено кај родителите. Резултатите покажуваат дека треба да се обезбеди поголема транспарентност на владините мерки за вработување на младите и вклучување и на родителите во запознавање со условите на овие мерки. И таа го истакна проблемот со дискриминација според пол, со што жените се двојно дискриминирани и како млади и како жени.

Ирена Ивановска, претседател на секција на млади, го нагласи проблемот на поголемата несигурност на вработувањето кај младите што се покажа во периодот на Ковид кризата кога најголем дел од лицата кои ја изгубиле работата биле вработени на одредено време и млади.

-Секое четврто лице кое останало без работа е младо лице. Најголем број млади лица кои го загубиле работното место имале договор за вработување на определено време, што го потврдува податокот дека младите лица се едни од најранливата категорија на лица кога станува збор за работнички права, рече таа.

Таа укажа дека младите се чувствуваат како маргинализирана група и за да се промени ваквата ситуација потребни се заеднички пристап од сите засегнати страни и конкретни и стабилни мерки. И да се обезбеди реална заштита на работничките права, особено на младите, поголема социјална заштита и инклузивност за да се обезбеди младите да ја гледаат иднината во својата земја.

Според неа, како што не може да има дискриминација помеѓу мажи и жени, така не може да има дискриминација помеѓу млади и повозрасни работници кои работат на исти позиции.

-Договорите со млади најчесто се склучуваат на определено време, на три или шест месеци, продолжувајќи ги овие договори до максималниот период од пет години. Затоа ние како млади во ССМ баравме од социјалните партнери во новиот закон за работни односи ваквото ограничување од пет години да се намали на една година по што би следела трансформација на работниот однос од определено на неопределено време. На тој начин младите лица ќе добијат една сигурност во развивање на нивните идни планови за независност, планирање семејство, како и решавање на станбеното прашање, истакна Ивановска.

Во делот за дискусија прво се вклучи Антоанела Петковска професор на Филозофскиот факултет, Институт за социологија која предава и социологија на млади. Таа наведе дека клучен проблем не се само институциите туку и недовербата на младите и нивното незадоволство. Висината на платата не е основен мотив за нив, туку постигнување напредок, квалитет и култура на живеење, креативност,  самореализирање. Тие сакаат да учествуваат во општеството, иако не и во политиката и покрај тоа што се свесни дека припадноста на политичка партија им помага за нивно позиционирање во општеството и во животот.

Марија Ташкоска, димпломиран економист 25 години практикант во Коалиција на младински организации СЕГА, даде предлози за зголемување на вработеноста на младите преку синхронизирање на образованието со потребите на бизнис секторот за политика на дуален систем во средното образование, поддршка на формалното и неформалното образование за креирање на програми за развој на вештини, унапредување на канали за вработување, заштита и контрола за да се намали партиското вработување, воведување на награди и казни за вработените во јавниот сектор.

Викторија Смилевска, 24 години од Коалицијата СЕГА укажа на потребата од координирање на програмите на средно и високо образование со барањата на пазарот на труд, институциите да работат на подобрување на условите за вработување на младите, агенциите за вработување во општините да унапредат својот кадар за давање поквалитетна услуга на младите за вработување.

Ангел Димитров, претседател на Здружението на работодавачи го нагласи недостатокот од решенија и имплементација за реален развој  и структурни промени во економијата за обезбедување повисок стандард на граѓаните. Треба да се обезбеди решение за висока партизираност во сите сектори. Тој го наведе проблемот со невидливост на младите, нивната апатија кон општествените случувања. Мерките за вработување се актуаелни и слични со мерките во други земји, но се поставува прашањето зошто младите не се информирани  доволно за нив. Потреба од проширување на форми за поттикнување на младите да се вклучат во иновативни бизниси. Неформалната работа е злоупотребена од страна на работодавачите, но потребна е и поголеми повластици за стартапите во тек на првите три години од основањето. Од аспект на потребите на работодавачите, тој укажа на несоодветна обученост и вештини на младите и затоа е потребно нивно кариерно насочување, а и негување и развој на претприемнички вештини.

Македонка Радуловиќ, професор, Институтот за семејни студии, Филозофски факултет-Скопје. Таа користеше податоци од американска студија за карактеристиките на денешните млади, нивното однесување, интерес и односот кон образованието и споредбата со претходни генерации. Таа констатираше дека слични се со карактеристиките на македонските млади и дека кај нас младите го вршат изборот на образованието и професијата под влијание на родителите, а не врз основа на сопствени способности и интерес.

Слободан Трендафилов, шеф на кабинет на претседателот на  Сојузот на синдикати. И според него работните права на младите се повеќе загрозени особено што тие доминантно се вработени во сектори (угостителство и туризам) каде е поприсутна неформалната работа и работа на одредено време и тие први беа отпуштени како последица на Ковид кризата. Затоа тој предложи скратување на периодот во кој може да се вработува на одредено време со продолжување на таквите договори.

Јован Пејковски, професор на Филозофскиот факултет, го акцентираше прашањето за висината на платите, особено на износот на минималната плата. Поврзано со тоа, тој смета дека треба да има општествена одговорност за мотивирање на младите и нов општествен договор за зголемување на плати.

Лазар Јовевски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ наведе неколку предизвици за лошата положба на младите на пазарот на труд и соодветни мерки за нивно решавање. Првиот е предизвикот со невработеноста и структурата на невработеноста, како и големо учество на младите во областа на сивата економија. Вториот е дискриминацијата  во работните односи и третиот е демографската нерамнотежа заради голото иселување на младите. Тој предлага да се спроведе целосна ревизија на концептот за пристап кон младите со крајна цел задржување на младите во земјата и враќање на тие што се веќе во други земји.

Константин Миновски, професор на Филозовскиот факултет,  исто така се осврна на потреба од директни мерки за влијание врз иселувањето и го поврза со образованието кое треба да креира кадри за потребите на економија во раст.

Антоанета Петковска се обиде да ги дообјасни актуелните предизвици на модерното време од аспект на новите карактеристики на младите што би требало да се имаат предвид при креирање на политики за образование и вработување. Според неа ова е време на индивидуализам, на креативност, на засилен натпревар во процесот на образование и во работните средини.

Славица Кузмановска од Јуридика ја нагласи потребата од креирање мерки според региони заради нивниот различен степен на економски раст. При тоа, треба да се земе предвид и иселувањето од другите градови и села во Скопје и демографско опустошување на градовите во другите региони. Потребни се и мерки за заштита на жените на пазарот на труд во период на остварување на репродуктивната функција.

Милева Ѓуровска, национална координаторка на НКЕУ-МК се вклучи во делот за дискусија со прашање за Ивана Улична за нејзиниот став во врска со дискусиите. Таа нагласи дека младите имаат голема креативност но потребна е мотивација од општеството кое треба да препознае дека се важни и му требаат.

Ивана Улична во одговор изрази свое верување дека треба да се расте прептприемачкиот дух и практиканството и дека е потребна промена на начинот на мислење што е повеќе можно во средното образование отколку во високото.

Ѓорѓи Рафајловски надополни дека само 17% од младите членуваат во организации и здруженија и дека проблем е комуникацијата и интеграцијата на младите во помалите  места. Тој предложи за комуникација со младите во врска со мерки што се однесуваат на нивно вработување да се користат директни канали што им се поприфатливи отколку класичните информативни медиуми. Врз основа на  искуството од поддршка на иновативноста и претприемништвото на младите и постигнатите резултати во рамки на нивниот технолошки парк,  тој препорачува да се градат услови за вклучување на младите на пазарот на труд и во општеството според потребите и промените што ќе се случуваат во наредните 100 години. А го назначи и недостатокот на образованието да креира вештини кај младите и дека тие не го доживуваат како нешто што додава вредност за нивната иднина.

Софија Волчевска изрази несогласување со констатацијата дека младите имаат нереални очекувања во однос на платите и на стекнување повисоки работни позиции, дека има разлики во очекувањата на младите и на работодавачите и во однос на образованието и бизнисот, па се креираат професии за кои нема потреба. Укажа и на недостатокот од можност за пракса на студентите и дека се создаваат политики кои не им помагаат многу на младите. Не се согласува дека младите се незаинтересирани за нивната иднина, но дека тие немаат услови за соодветна реализација на нивните потреби и барања.

Милева Ѓуровска даде завршен коментар за дискусиите на оваа сесија кои опфатија различни, но поврзани аспекти на вработеноста на младите, и го нагласи значењето на интер-генерацискиот дијалог што беше практикуван во рамки на сесијата. Ко-претседавачот Габриела Маџовска ја затвори сесијата.