Драган Тилев, државен советник за европски прашања и координација во Секретаријат за европски прашања: Членството во ЕУ зависи од визионерски политички одлуки, тоа не е цел само на една влада или партија, туку државна цел

 Почитуван г-н Тилев, во јавноста важите за долгогодишен познавач на европските прашања.  На почетокот, каков е вашиот став за улогата на невладиниот сектор во пристапните преговори на Северна Македонија? Или, поконкретно, улогата на Европското движење во Северна Македонија и неговите напори преку Националната Конвенција за ЕУ во Северна Македонија да придонесе во евроинтеграциските процеси на државата?

-На линија на вашето прашање и поради моето долгогодишно практично искуство во координацијата на процесот на европска интеграција на земјата во Европската Унија, преку неверојатно упорната посветеност на целата земја и сите нејзини општествени чинители, дозволете да започнам со тоа дека се работи за процес од стратешки па дури и егзистенцијален интерес за земјата и особено нејзината економија. Досега во процесот се вградени многу собраниски состави и над дузина состави на влади и никој никогаш не го довел под знак прашање правецот и целта-полноправно членство во Европската Унија. Не остана и ниту ќе остане камен непревртен, сè се менува во од и се прилагодува на геополитичкиот амбиент и на барањата на европските стандарди и законодавство. Ја имаме среќата на континуитет и зрелоста на политичките елити, кои и покрај сите препреки, некои и вештачки наметнати, сепак, чекор по чекор се движат нанапред.

Сите општествени чинители се вклучени во процесот и така и мора да биде, затоа што сите како колектив, а и секој поединец сме засегнати со промените, со реформите и со економските ефекти од европската интеграција.

Невладиниот сектор има посебна улога, прво затоа што е активен чинител во општественото живеење, второ, затоа што е инкубатор или резервоар на знаење кое толку многу ни е потребно за забрзување на процесот и реформите и трето, затоа што невладиниот сектор е и платформа на слободна мисла, идеи, соочување на аргументи, од што, по правило извираат и добри и оптимални решенија.

Поконкретно, Европското движење, со својата континуирана проактивна улога е веќе долг период директен учесник и важен чинител во дебатите со Владата, стопанството, медиумите и нејзините претставници за најважните теми и најболните реформи, како што се, владеење на правото, вклучително борбата против организиран криминал, корупција, нелегална миграција, но и економските теми во делот на земјоделската политика, внатрешниот пазар, кохезионата политика итн.

Наодите и препораки од дебатите во рамките на Националната конвенција за ЕУ се, би рекол и мора да бидат, задолжително четиво за Владата и за надлежните сектори. Не велам дека се најдени одговори за сите дилеми и прашања, но секако се допрени квалитетно и аргументирано теми кои се на дневен ред и ќе останат на дневен ред во текот на пристапните преговори. Со два збора, исклучително корисно, или со една реченица, Националниот Конвент и Европското движење даваат во континуитет придонес кон забрзување на нашата интеграција во ЕУ.

Граѓаните се запознаени со Планот за Раст за Западен Балкан преку кој се очекува забрзан економски раст на државите и со тоа олеснување на нивниот пат кон ЕУ. Дали ние како држава имаме прецизирано активности коишто одат во прилог на нашата позиционираност за Планот за раст?

-Планот за раст за Западен Балкан е нов инструмент лансиран на 08 ноември 2023 година, кој „тежи“ вкупно 6 милијарди евра, од кои 2 милијарди неповратни средства, а 4 милијарди во форма на меки заеми под исклучително поволни услови. Целта на Планот за раст е забрзан економски раст и намалување на диспаритетите во земјите во регионот помеѓу себе, но и на целиот Западен Балкан со ЕУ.

Од овој пакет за регионот, неофицијалната најава е дека околу 850 милиони евра ќе бидат алоцирани за Македонија, за период од 2024-2027 година, или за четири години, што грубо би ни обезбедило дополнителна финансиска инјекција за нашата економија од околу 212 милиони евра годишно. Доколку на ова ги додадеме и средствата кои ни се на располагање преку ИПА програмата во износ од 80-100 милиони евра годишно, ќе нè донесе до заклучок дека со Планот за раст расположивиот износ ќе биде тројно поголем. Тоа се многу сериозни средства, се разбира, доколку истите правилно ги употребиме, а тоа секако нема да биде лесно.

За искористување на средствата неопходно е да се дефинира Реформска агенда со прецизни мерки со стриктни реформски зафати и инвестициски проекти, мерливи квантитативно и квалитативно, кои треба да бидат зрели за да може да се реализираат во исклучително краток временски период, заклучно со 2027 година. Со други зборови, Планот за раст, исто како и ИПА, е одлична можност за нас, но само можност се додека средствата не ги искористиме за целта за која се наменети или за која сме ги испланирале. Клучна е зрелоста на реформите и на инвестициските проекти, односно способноста за донесување на правилни политички одлуки и административни капацитети, стручност и компетентност, за следење на темпото на реформи и реализација на големите и комплексни инвестициски проекти.

Дали држиме чекор во споредба со другите земји од регионот во однос на  пристапните преговори?

-Пристапните преговори формално се започнати на 19 јули 2022 година, после долгите „натегања“ со Бугарија околу нивните билатерални барања, со посредство на Франција. После потпишувањето на билатералниот Протокол бр.2 на 17 јули 2022, следниот ден беа усвоени заклучоци на Советот на ЕУ и потврдена Преговарачката рамка и официјално започна скрининг процесот, кој нагласувам дека е дел од преговарачкиот процес, и тоа многу важен дел. Истиот успешно се заокружи во декември 2023 година, при што го добивме и првиот скрининг извештај на ЕК за кластерот Фундаменти, усвоен и од страна на телата на Советот. Добиен е и дел од скрининг извештајот за кластерот Внатрешен пазар, а ги очекуваме и скрининг извештаите и за останатите кластери, а вкупно ги има шест.

Динамиката на пристапните преговори може да се споредува само со Албанија, бидејќи ние сме први и засега единствени земји кои преговараат според Новата Методологија од март 2020 година. Досега одиме заедно или паралелно, но доколку не ја премостиме политичката пречка поврзана со измените на нашиот Устав, во тој случај Албанија, многу е веројатно дека ќе може да продолжи понатаму издвоено, или да и се придружи на Црна Гора, која патем преговара од 2012 година.

Треба да се нагласи дека ние, и покрај сите пречки, сè уште стоиме добро во нивото на усогласеност на нашето со законодавството на ЕУ, па во некои елементи дури и подобро од Црна Гора и од Србија, која преговара од 2014 година, а секако далеку подобро од Албанија. Споредба со Украина или со Молдавија засега и не може да се прави, бидејќи тие се на самиот почеток на пристапните преговори, односно ги очекуваат своите Преговарачки рамки.

Колку се остварливи очекувањата за полноправно членство во ЕУ до 2030 година?

-Теоретски, силно верувам дека како држава, политички зрела и административно компетентна, може да ја исполниме целта која како држава си ја зададовме, да бидеме подготвени за полноправно членство до 2030 година, па дури и пред тоа. Тоа е генерациска цел, не е цел само на една Влада или на партија, туку државна цел.

Но, остварувањето на целта зависи од визионерски политички одлуки, деполитизација и професионализација на администрацијата, и секако од реформите кои и самата Европска Унија треба да ги реализира за да биде и таа подготвена да прими нови членки, а сепак да остане економски атрактивна, политички привлечна, и институционално ефикасна и ефективна. Предуслови за остварување на целта од двете страни има, но реализацијата секогаш зависи од околности кои дел зависат од нас, но и дел кои се надвор од нашата контрола.

Со оглед на постоечкиот институционален капацитет, како гледате на самиот преговарачки процес доколку тој започне наскоро?

-Преговарачкиот процес е започнат како што појаснив погоре, скринингот е дел од тој процес. Во текот на објаснувачкиот дел од скринингот и особено во текот на билатералните скрининг сесии, нашата администрација покажа скриена енергија и способност, капацитет и компетентност. Во сите области не сме подеднакво добри, но сме сосема солидни за да може преговорите квалитетно да ги продолжиме и да ги завршиме во дадените рокови. Ни треба и малку повеќе самодоверба, јас често пати велам дека, штом членки станале мали земји пред нас, зошто да не можеме и ние? Важно е да се одржи континуитет, да се работи напорно, да се учиме на туѓите грешки, да ги користиме добрите искуства и да веруваме дека реформите ќе го подобрат квалитетот на живеењето на секој еден од нас.

Клучно е процесот да го отвориме и да го направиме атрактивен и привлечен за младите, всушност процесот е заради нив, и само со нив заедно има и смисла. Секоја инвестиција во младите е добра инвестиција и ќе се врати повеќекратно.

Се додека се движиме во вистинската насока, може да стигнеме до целта, ќе биде лошо доколку се придвижиме во погрешна насока, во што искрено не сакам да верувам дека може да се случи. Да веруваме во нашата способност да го избереме вистинскиот пат.