„Ние отсекогаш историски географски и културно сме биле дел од Европа. Затоа велам дека не зборуваме за евроинтеграција, туку за реунификација. Очекувам ЕУ да не заборави на логиката и филозофијата на проширувањето оти тоа ја прави витална, тоа докажува дека е незаменлива. Се перцепираме како европјани, логично е и да бидете третирани како европјани. Третманот не го гледам преку ЕУ реториката туку ЕУ логиката во смисла на владеење на правото, компетитивна економија, независно судство, стручна и компететна администрација, нешто што обединува“ рече претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, на вчерашното одбележување на Денот на Европа-9 Мај насловено како „Европската Унија како предизвик и предизвиците на ЕУ: Европа 74 години од Шумановата декларација“, во организација на фондацијата Конрад Аденауер и Европско движење во Република Северна Македонија.
Зборувајќи за членството во ЕУ, претседателката Сиљановска Давкова посочи дека мора да се тргне со суштински и сериозни реформи бидејќи излез немаме.
„Бидејќи не е само сега критериум хомогенизацијата и хармонизацијата туку и имплементацијата. ЕУ треба соодветно да одговори. Ако сте кандидат од 2005 година, а денес сме 2024 се плашам дека некогаш тоа чекање личи на она на господинот Годо, а не сакам да верувам во такво нешто“, потенцираше Сиљановска Давкова, истакнувајќи дека регионално треба да соработуваме и да се поддржуваме едни со други.
„Од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година, Република Северна Македонија покажува изразена политичка и граѓанска волја за зачленување во Европската Унија, која веруваме дека нема да се промени и во наредниот период и ќе биде предизвик за новата влада. Ние, граѓаните, искрено се надеваме дека евроинтегративниот процес ќе биде сфатен, пред сѐ, како процес на реформи кои ќе им помогнат на институциите целосно да бидат во служба на граѓаните, институции кои се управувани од стручната фела и кои се посветени на јавниот интерес. Реформите не треба да бидат празна реторика за борбата против корупцијата и организираниот криминал, туку реалност која произлегува од законите и се ефектуира во практиките на носителите на јавни функции. Очекуваме дефектите на системот да бидат поправени“, рече претседателката на Европското движење во Република Северна Македонија, Милева Ѓуровска.
Официјалниот претставник на фондацијата Конрад Аденауер, Даниел Браун на настанот истакна дека Конрад Аденауер е еден од основачите на Европската Унија.
„Фондацијата Конрад Аденауер ја следи неговата традиција и во тој дух работи на поддршката на европската интеграција. Повеќе од две години на тлото на Европа имаме војна. Затоа е суштествено сите ние кои се залагаме за слободата, демократијата и мирот да бидеме единствени“, рече Браун.
Заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Бен Нупнау потенцираше дека ЕУ сака да го внесе Западен Балкан поблиску и побрзо во ЕУ за да се зајакне заедничката безбедност и да се промовира просперитет.
„Проектот на ЕУ не е комплетен без вас. Постојано велиме дека успехот кон интеграцијата е споделена одговорност. Дел од одговорноста кој припаѓа на Северна Македонија е на полето на реформите, главно во суштинските области како владеењето на правото и човековите права. Сето тоа го зголемува економскиот капацитет и отпорноста. Тешко е, но ќе биде корисно. Ќе ја поттикне довербата на граѓаните дека иднината е подобра. Треба да се преземат соодветни реформи. Земјите членки го донесоа својот план не само да се интегрира Западен Балкан кон единствениот пазар, туку и за соодветно членство во ЕУ“, смета Нупнау.
Амбасадорката на Сојузна Република Германија во државава, Петра Дрекслер рече дека се радува што никој не се откажа од чекањето за ЕУ.
„Мора да се има доверба. Разбирам дека во вака долг пристапувачки процес понекогаш страда довербата. Едновремено и се чудам што процесот на интеграција не се сфаќа секогаш како процес на реформи. Основата за членство во ЕУ е процесот на реформи. Тоа значи дека земјата што пристапува мора да биде подготвена да се придружи на другите земји. Институциите на државата мора да работата ефективно, успешно да управуваат, да владее правната држава и успешно да се совладува корупцијата. Без такви реформи не може да постои обединета Европа“ изјави амбасадорката Дрекслер.
„Западен Балкан и Северна Македонија спаѓаат во ЕУ. ЕУ говори со еден глас, никој не вели нешто друго. Сега е важно да се направи чекорот за отворање на прегоровите, а едновремено да се одвиваат реформските процеси“, потенцираше Дрекслер.
Амбасадорот на Република Словачка, Хенрик Маркуш порача дека неговата земја е силен поддржувач на регионот. Членството во ЕУ, според него е заеднички проект на кој што треба заеднички да се работи и дека не треба да се чека Северна Македонија сама да ги проблемите.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на општина Аеродром, Тимчо Муцунски зборуваше за Планот за раст кој смета дека доколку мудро се искористи ќе се преточи во изградба на нови училишта, градинки итн.
„Ова е генерациска битка, битка да ги потврдиме вредностите кои во минатото беа декларативно кажувани и тоа ќе го постигнеме доколку испорачуваме по прашањата за кои граѓаните гласале на изборите-борба против корупцијата,економски реформи, реформи во администрацијата..“ рече Муцунски.
Оливер Спасовски од СДСМ истакна дека треба да постои единство и како политички субјекти и како граѓани и да се направи заеднички концепт за она што го очекуваат граѓаните.
Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми оцени дека се потребни конкретни дела и исполнување на конкретни задачи за да се покаже дека сме за ЕУ.
„Не да се залагаме за ЕУ само декларативно. Јасна е задачата-промена на Уставот“ изјави Адеми.
Претставникот на коалицијата „Влен“ и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари рече:
„Потрошивме огромен период посебно последните 20 години зборувајќи дека сакаме да бидеме дел од европското семјество, но што направивме за тоа. Наназад 20 години многу малку европски работи направивме за да покажеме дека искрено сакаме таму да бидеме. Над една третина од жителите си одат поради недоверба во институциите. Прво треба да ја вратиме довербата во институциите на системот, а второ, да се обезбеди правна држава. Да не зборуваме многу, да направиме многу“, истакна Таравари.
Во рамките на настанот, Европското движење во Република Северна Македонија на актуелниот шеф на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир му додели плакета за неговиот придонес за евроинтегративниот процес, а за Европска личност за 2023 година беше избран нашиот најпознат македонски тенор, Благој Нацоски.
По панел-дискусијата, се одржа Младински клуб „Младите и демократските вредности: Дали сакам, дали можам и како да бидам активен граѓанин?“, во рамките на кој се одржа ораторски натпревар, младинска дебата и квиз на знаење за ЕУ.
Прво место на ораторскиот натпревар го освои Ева Нешкоска од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола, а по неа следува Антонио Чоневски исто така од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола, додека третото место го делеа Амина Гафури од Универзитетот на Југоисточна Европа и Искра Постолова од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Победници на квизот за знаење се: Алексеј Стојановиќ и Иван Христов од СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ како и Марин Ивчески од Интернационалното училиште „ Нова“ во Скопје.