Студентска дебата „Активни млади – жива демократија“

Секоја година во рамките на одбележувањето на 9-мај денот на Европа, Европското движење, организира студентска манифестација на која учествуваат студенти од поголемите универзитети во нашата држава. Овој настан се организира повеќе од една деценија, а досега домаќини беа речиси сите универзитети. Оваа година универзитет-домаќин беше Универзитет “Св. Климент Охридски”, во Битола.

Манифестацијата со наслов: Собир на македонските универзитети оваа година  се состоеше од три дела, односно:

Првиот дел е официјално отворање на манифестацијата. Манифестацијата ја отвори Ректорот на Универзитетот св. Климент Охридски, Сашо Коруновски, по него зборуваа  потпретседателот на Европското движење во Република Северна Македонија, Мухамед Халили и претставникот на Фондацијата Конрад Аденауер, Давор Пашоски. Исто така, студентите беа поздравени од ректори и професори од другите универзитети.

Потоа, следуваше Студентска дебата на тема: “Активни млади–жива демократија”, каде што учество земаа голем број студенти од универзитетите: “Гоце Делчев”- Штип, св. “Кирил и Методиј”- Скопје, Универзитетот “Американ Колеџ”- Скопје,Државниот Универзитет во Тетово, Универзитетот на Југоисточна Европа-Тетово, св. “Климент Охридски”-Битола и Меѓународниот Славјански Универзитет.Модератор на дебатата беше потпретседателката на Европското движење, Македонка Радуловиќ. Студентите беа активни учесници во оваа дебата од која произлезе заклучокот дека младите луѓе се основните двигатели на идеите, на процесите и главни иницијатори на промените. Тие сметаат дека активното учество на младите луѓе во одлучувањето и нивно вклучување во активностите на локално и национлано ниво е неопходно ако сакаме да изградиме подемократски, инклузивни и перспективни општества. Велат дека учеството во демократскиот живот е повеќе од гласање и излегување на избори. Мислат дека треба да бидат информирани, да бидат активни и да учествуваат во донесувањето одлуки.

Третиот дел од оваа манифестација ја одбележа натпреварот во ораторство на темата “Активни млади – жива демократија?”. На натпреварот учествуваа 15 оратори од шест универзитети. Секој од нив во говорот со треање од три минути презентираше интересни, забавни, но и иронични пораки за демократијата и учеството на младите. Сите оратори поседуваа навистина одлични ораторски вештини. Комисијата во состав: Мухамед Халили и Македонка Радуловиќ, потпредседатели на Европското движење во Република Северна Македонија и претставничката на Фондацијата Конрад Аденауер  Даниела Поповска имаа тешка задача да одлучат кои говори се најдобри. Победници на натпреварот беа: Прво место, Ана Михаиловска од Универзитет “Гоце Делчев” во Штип, второ место, Блеранд Рустеми од Универзитетот  на Југоисточна Европа и третото место и припадна на Марија Коцева од Универзитет “Гоце Делчев” во Штип.

Генралниот заклучок од Собирот на студенти е дека манифестацијата претставува солидна платформа за дебатирање на студентите за Европската унија, за проширување на европските вредности и воочување на младинските перспективи. Исто така, овој настан е многу значаен за студентскиот соживот, за  размена на искуства, за стекнување на пријателства, но и за поттикнување на соработка меѓу самите универзитети.