Втор регионален експертски состанок за Кластер – 1 (Основни вредности) „Правдата нека владее со регионот“

На 19-ти Октомври 2023, во просториите на Хотел Александар Палас, се одржа втората Регионална експертска конференција во рамките на проектот „Правдата нека владее со Регионот“, која ги опфаќа регионалните прашања опфатени со Кластер 1.

Конференцијата ја отвори професорката Милева Ѓуровска, Национален координатор на НКЕУ-МК, која ги поздрави присутните и ја посочи важноста на конференцијата, која има за цел да ја зајакне регионалната соработка, со фокус на реформите во правосудството, безбедноста, превенција и борбата против корупцијата, и имплементација на европските вредности во трите земји од регионот, Северна Македонија, Србија и Албанија.

Конференцијата започна со воведното обраќање на Славица Грковска, Заменик на Претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, која започна со проблемот на големото одолговлекување на нашиот европски пат. Вицепремиерката нагласи дека е свесна дека кога состојбата во која механизмите за владеење на правото се недоволни или неефикасни, ја храни корупцијата и ја продлабочува дискриминацијата и влијае на стабилноста.

Бојана Селаковиќ, Национален координатор на НКЕУ – Србија, во улога на ко-претседавач, ги поздрави присутните, и ја посочи важноста на конференцијата, која служи како платформа за пренесување на стекнатите знаења од Србија до останатите држави, но и обратно. Селаковиќ ја поздрави и Холандската Амбасада, за нивната тековна поддршка на проектот, и го најави Дирк Јан Коп, Амбасадор на Кралство Холандија во Република Северна Македонија.

Во своето воведно обраќање, Јан Коп потенцираше дека по сите овие години има стратегија за сѐ, има по два акциски планови за сѐ, сечија свест е веќе трипати зголемена  и сите се веќе обучени четирикратно. Сепак, стоиме во место поради недостатокот на имплементација, корупцијата и непотизмот. Амбасадорот нагласи дека Холандија беше и ќе продолжи и понатаму да биде партнер за регионот на нивниот пат кон ЕУ. Но, „ситуацијата во правосудниот сектор не остави без друга опција освен да ја евалуираме нашата поддршка која што ја даваме“, додава тој.

Гледис Ѓипали, Национален координатор на НКЕУ –Албанија, во улогата на ко-претседавач појасни дека иако реформите се најважната точка на фокус, во минатите години има пречки и од страна на Унијата.

Првата Панел дискусија, на тема „Предизвиците на Западен Балкан во однос на владеењето на правото и доброто владеење –напредок и пречки“, ја отвори Александра Деаноска –Трендафилова, Координатор на Работна група –3 (Поглавје 23), Професор на Правен факултет „Јустинијан први“ –Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ –Скопје, која во улогата на модератор на дискусијата, додаде дека правните закони треба да бидат израз на универзалните вредности, принципи и човекови права на граѓаните во едно општество, и нивната примена треба да биде неселективна, транспарентна и еднаква за сите.

По своето излагање, Деаноска – Трендафилова ја најави Нирвана Делиу, Истражувач, Европско движење Албанија, која во улогата модератор на првата панел дискусија, појасни дека кога станува збор за владеењето на правото, дури и Унијата си има свои проблеми, како што се пад на демократијата, проблемите со корупција и правосудството. Делиу додаде дека добрата вест е дека дури 4 од 6 држави од регионот на Западен Балкан се веќе во фазата на отворени преговори со Унијата, и оваа конференција е одлична можност да се споделат искуството, да се зголеми ефикасноста, и да и се покаже на Унијата дека почнуваме со реформи.

Во овој контекст, и следната панелистка Снежана Калеска – Ванчева, Претседател на  законодавно-правна комисија при Собранието на Република Северна Македонија, се сложи дека владеењето на правото и доброто владеење се две страни на истиот медал, додавајќи дека најважно е да се има транспарентен процес, бидејќи дури и да го имаме најдоброто законско решение, што е невозможно, ако граѓаните не го гледаат транспарентно, и не можат да разберат, тогаш секогаш ќе остане нешто да лебди во воздухот.

По излагањето на претседателката на правната комисија, се обрати Наташа Драгојловиќ, Советник на министерот за евроинтеграции на Република Србија, се заблагодари на организаторите, посочувајќи дека ова не е само проект, туку и пример дека западниот балкан може и треба да соработува, и дека ова е единствениот начин да и покажеме на Унијата дека разбираме што е суштината на Унијата, и дека државите сами по себе не значат ништо поединечно, па дури и Германија, туку силата на овие држави е во добро организираното заедништво што го имаат.

Деаноска – Трендафилова како следен говорник го најави, Герон Камбери, истражувач, центар за проучување на демократија и владеење, Република Албанија, кој своето излагање го започна со ставот дека не треба само да ги инкорпорираме политиките на ЕУ во секојдневноста на граѓаните, туку и начинот на живот на Унијата. Тој му реплицираше на Холандскиот Амбасадор, појаснувајќи дека немаме владеење на правото поради историјата што ја делат сите држави во Западниот Балкан, и остатоците од старите режими. При владеењето на правото најважно за нас е да се изготви мапа според која ќе се мери истото, и индикатори според кои ќе мериме, затоа што ништо од ова се уште не е добро дефинирано.

Дискусијата се фокусираше на владеењето на правото, за кое пристутните се сложија дека без добро правосудство е невозможно, а државата треба да ги примени сите механизми и да ги казни оние кои се оттргнале од владеењето на правото.  Дискусијата се сврте и кон собранието кое не ја контролира владата, судство и обвинителство кои не се независни и неефикасни, и разочарвачката криза на судскиот совет.

Конференцијата продолжи и со втората панел дискусија, на тема „Состојбата на националните јавни политики во доменот на судството и основните права, правдата, безбедноста, транспарентноста на јавните финансии и други релевантни теми во кластерот Основни вредности“, модерирана од Марина Митревска, НКЕУ-МК координатор  на  Работна  група –4 (Поглавје 24), Професор, Институт за Безбедност, одбрана и мир, Филозофски факултет и Кристина Калајџиќ, Истражувач и проектен координатор, Партнери Србија.

Митревска се заблагодари на присутните за досегашната плодна дискусија, и го започна вториот панел, најавувајќи ја Магдалена Несторовска, Државен секретар, Министерство за внатрешни работи на Република Северна Македонија, која во своето излагање ја посочи негативната атмосфера и емоциите кои се шират низ салата, и се осврна на позитивните карактеристики, односно на тоа како државниот сектор толку успешно соработува со невладиниот, како што е Националната конвенција, и како на еден суптилен начин со препораките кои што се носеа доведе до канализирање на активностите и до успешни резултати во областа на безбедност.

Кристина Калајџиќ, Истражувач и проектен координатор, Партнери Србија, посочи дека иако е тешко во ова кусо време да се објасни сета проблематика и да се дојде до големи решенија, сепак оваа конференција е добра можност за споделување искуства и почнување и поголема соработка меѓу државите во Западниот Балкан. Калајџиќ ја најави и следната говорничка, Анџела Кенај, Министерство за Правда, Република Албанија.

Кенај во своето излагање ја посочи интеграцијата како најважниот процес за сите три држави, но и дека сите три држави се од прилика во иста фаза на пристапните преговори. Таа се осврна на зајакнувањето на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал кои се темелите на новата рамка за пристапни преговори. Во тој однос и Албанија мораше да донесе сеопфатна судска реформа со цел зајакнување на владеењето на правото и постигнување напредок во усогласување со критериумите од Копенхаген со промена на повеќе од една третина од нејзиниот устав како предуслов за отворање на пристапните преговори.

Следниот говорник, Милутин Милошевиќ, Извршен директор, Мрежа за јавни политики за дрога на Југоисточна Европа, Република Србија, кој објасни дека невладиниот сектор игра незаменлива улога во пристапните преговори, затоа што со самото тоа што е невладин сектор автоматски има поголема слобода и флексибилност од владиниот, кој е ограничен со одредени правила, што е една од најважните карактеристики за невладините организации. Тој посочи и на влијанието на политиката во работата на јавните организации кои треба да се независни од партиите, и кои треба да се борат за правата на луѓето.

Втората дискусија се фокусираше на транспарентноста и јавните политики, и се потенцираше дека ова е време на храбри државнички одлуки, но и време за мобилизација: да ја активираме јавната администрација која е основната движечка сила на реформите, и се донесе заклучокот дека не можеме да постигнеме владеење на правото се додека меѓу трите власти постои „јас“ – трите власти треба да работат заедно а не постојано да се прозиваат едни со други.

Конференцијата заврши со дополнителни коментари од учесниците и предлози за идна соработка меѓу трите држави, кои се осврнаа на денешната конференција, истакнувајќи дека е одлична можност за размена на идеи, и дополнителен поттик за да се посветиме на владеењето на правото секој во својата држава, и меѓусебно да соработуваме и да се мотивираме и во иднина.